„Тамаро“ маркетите ја започнаа успешната приказна на градење на посебен бренд од 1997 година. Денес важат за еден од лидерите на пазарот на локално и регионално ниво.

Деновиве брендот „Тамаро“ одбележува 20 години од постоењето на пазарот. Со над 16 илјади производи, тие се на прво место во Македонија по артикли по лице.

Во интервју на Супер радио и OhridPress, Климент Србиноски од „Тамаро“ маркетите ги издвојува значајните моменти од работата на компанијата, целите и задачите, кои секојдневно си ги поставува тимот, и секако тука се и советите базирани на лично искуство, како да се биде успешен во еден ваков бизнис.

Супер радио: Најпрво честитки за јубилејот 20 години од постоењето на „Тамаро маркетите“. Компанијата која стана бренд на пазарот во Охрид, она што е денес, е резултат на долгогодишна работа, посветеност, реализација на идеи. Кои се фазите на развој на „Тамаро маркети“?

Србиноски: Роберто Шутески заедно со неговата сопруга го отвориле првиот маркет, а името „Тамаро“ се добило од почетните букви на Татјана, Роберто и ќерката Марија, која тогаш имала 7 години. Подоцна се родила ќерката Ана. А почетните букви од нејзиното име, пак, се наоѓаат на името на брендот магацини, „АМ“ (Ана и Марија). Според она што со мене го споделувал Роберто, првиот маркет бил на 15 квадратни метри. Како што поминувале годините, Роберто го проширил маркетот на 30 метри квадратни, па потоа и до 50. Првиот дуќан, сега се простира на 100 квадратни метри. Како што се ширел бизнисот, имало потреба и од усовршување на магацините, поради поголема залиха на роба. Посебно се отворил магацинот „АМ“ – или втора фирма, која е под „Тамаро“. Јас во овој бизнис сум околу 8 и пол години. Откако се преселија во поголем простор, почнав да работам во магацинот и тоа буквално, од најниската позиција. Работев на влез-излез на роба, потоа преглед на роба, па внес на документи, одев по маркетите за да ги научам желбите и потребите на потрошувачите, работев и на каса и пакував роба, често пати на потрошувачите им ги пакував ќесите со производи, сé за потребите на работата, да видам како се однесуваат и што сакаат потрошувачите. Тоа е многу важно, во животот на никого не треба да му биде срам од работа. Така и јас, и Марија, слично сме учеле и сме го достигнале ова што сме сега. Марија моментално е главен менаџер на најголемиот „Тамаро 7“ маркет, заедно со Билјана, се супервизори контролори на сите менаџери. Преку Марија одат обуките во фирмата, таа ги обучува вработените.

klimentsrbinoski2

Супер радио: Како се координирате Вие двајцата со сопругата Марија, колку често еден на друг си поставувате предизвици, се надополнувате во самата работа и слично?

Србиноски: Секако, доста се консултираме, се надоградуваме, има нешта за кои не се сложуваме, тоа е нормално, без надополнување нема резултат. Во главно, фамилијарно, добро го водиме бизнисот. Со сите се консултираме. Јас штом дојдов, Роберто нé оцени мене и Марија како потенцијал, со целосна доверба во нас. За него важи тоа дека секој работник може да го процени дали има потенцијал, или не. Ако некој не го бидува, не може да просперира. Тоа му е добра карактеристика. Оценува кој за што го бива.

tamarolimit11

Супер радио: „Тамаро“ маркетите во моментов имаат осум објекти, а неодамна го отворивте и Хард дисконтот „Лимит“. Паралелно со проширувањето на бројот на маркети, дојдовте до надоградување на уште едно ниво, а тоа е токму хард дисконт.

Србиноски: Да, тој хард дисконт е како друга категорија, одредени производи се лимитирани, од 350 до 400, а тоа ќе зависи од нашата стратегија. Има и периодични артикли. На пример, може да донесеме десет артикли, да се потрошат и потоа да нема други такви. И понатаму во хард дисконтот ќе имаме интересна стратегија на работа, нешто што досега, можеби не е видено во Македонија, во склоп на работата и како е поставено. Инаку, како хард дисконт има секаде во Македонија, но со овој концепт нема. Еден производ е изложен на пет катови на рафтови. Има артикли кои купувачите можат да ги купат само тука и ги нема во другите „Тамаро“ маркети.

Супер радио: Кои се во тој случај, Вашите очекувања за понатамошен развој на хард дисконтот?

Србиноски: Почетокот се поклопи со Велигденските празници и беше и повеќе од добар, повеќе од она што го очекувавме. Мислиме дека тој систем ќе оди добро, бидејќи самата економија и самиот пазар тоа го носи. Лимитирани производи, да се привлече вниманието на купувачите, а да им се намали времето за двоумење или мислење за што да се пазари, бидејќи е брзо време на живеење. Некои купувачи уживаат, на пример, во најголемиот маркет, кој го имаме, внатре да пазарат полека, со внимание, се интересираат. Таму имаме над 16 илјади производи. На прво место сме во Македонија по артикли. Нé компарираат со други од поголемите брендови на маркети и тоа само во Скопје. Тие маркети, можеби се по квадратура поголеми од нас, но нема поголеми од нас по број на артикл по лице. Кај нас има артикли, кои можеби не можат да се најдат ни во други маркети ширум државата, кога ќе дојдат купувачи од овие градови кај нас, потврдуваат дека навистина е така.

Супер радио: Има ли простор за проширување на „Тамаро лимит“?

Србиноски: Да, тој бренд ќе го шириме. Имаме и локации, а ќе оставиме да покаже времето. И во Струга ќе имаме нови работи.

tamaropazarenje10122

Супер радио: Вашето мото „Трајно ниски цени“ е исто така значајно во целокупното Ваше работење, затоа што освен пристапноста на маркетите, бројот и видот на артикли, цените влијаат на одлуката за купување. Ве препознаваат ли купувачите по ова мото?

Србиноски: Во категоријата на хард дисконтот, навистина цените се екстремно ниски. Но, нашиот квалитет кој нé носи напред, а се однесува и на сите други, е тоа дека, ние нудиме екстра луксуз, а цените се како во дисконт. Цените се за 5 до 10% пониски, што е нормално затоа што се работи само една смена, со што трошоците се драстично намалени. Тоа е голем успех за нас, цените да се многу ниски, а да се нуди луксуз. На пример, во големиот маркет имаме 34 вработени, кои ги опслужуваат купувачите. Осветлено е на ниво, и ред други работи… Тоа е трошок, а цените кај нас, се сепак ниски.

Супер радио: Во изминатите години започнавте и со работењето на пропратни одделенија во маркетите, кои се многубројни и разновидни, како што се зелените пазари, игротека, Ваша пекара, слаткарница, месарница, рибарница, потоа готовите јадења… Како се одлучивте да се проширите и во тој домен?

Србиноски: Таа идеја настана откако се отвори големиот маркет. Кога ќе се спомне терминот месарница, само по себе, некако кај сите бизнисмени создава отпор. За работењето со месарница има едно правило, кое не го измислив јас, туку е правило на биснисот — а тоа е: Или ќе го продадеш месото, или тоа ќе те продаде тебе. Ние направивме добар концепт за работење со месарница. Првата беше отворена во маркетот на „Туристичка“ во склоп на самиот маркет. Кога ја отворивме месарницата, тоа се покажа како премногу добро. Видовме дека ако имаме квалитетен производ и ако добро работиме, тоа носи муштерии. А, во големиот маркет отворивме месарница не дополнително, туку со самото отворање на маркетот. Таму, бидејќи е поголем маркет, специјализиран, направивме уште поголем успех. Третата месарница беше во маркетот кај „Братство“. Со добри фирми, одредени кланици во Македонија, се договоривме ние да им го откупуваме целиот добиток, кој е за кланица, а ние сами го обработуваме месото. Нашите вработени во секоја месарница го обработуваат месото по нивен систем. Така постепено започнавме со наше производство и со слаткарница, пекарница и готови јадења. Тоа нѝ беше цел, кога купувач ќе дојде, на едно место да најде сѐ. Точно една година јас и Роберто правевме анализа, прошетавме и по околните држави, да дознаеме што сака и тој народ, затоа што и тие во еден период од годината се наши потрошувачи. По добра анализа, го отворивме производството од 500 квадратни метри. Во него има 200 квадратни метри слаткарница, 200 квадратни метри пекарница и 100 квадратни метри кулинарство. Ги опслужуваме само четирите супер маркети, а во останатите има соодветен простор, каде се продаваат производите од наше сопствено производство.

Супер радио: Навистина се покажа на пазарот дека има голем интерес и голема потрошувачка за готовите јадења. Колку сте задоволни од овој резултат?

Србиноски: Имаме и разновидни јадења, и се трудиме да ги прилагодиме според празниците, на пример. Сега кога беа постите, имавме посни јадења, за Нова година и Божик, нудиме специјалитети. Се прават и нарачки за по дома.

pekartamaro

Супер радио: Вашата пекарница се истакна по тоа што имате вработени стручни лица, кои по посебна технологија изработуваат специјални лебови. Барани ли се на пазарот овие специфични видови на леб?

Србиноски: Тие лебови се барани, затоа што навистина не користиме додатоци, адитиви, освен тоа што го декларираме. Дваесет години по ред, како што поставил основа Роберто, тоа што е декларирано, тоа да го има, така и ние продолжуваме сега. Тоа што го содржи производот, тоа е во декларацијата. И не само за лебовите, гледаме за сѐ, тоа што се користи, да биде најквалитетно. Секогаш користиме прва класа месо, прва класа зеленчук, овошје, не користиме кало или втора класа, за да правиме готови јадења. Кај нас има таков систем на контрола, што мора да биде прва класа.

tamarostruga1

Супер радио: Да го спомнеме и хуманитарниот аспект на Вашата компанија. На што најмногу се насочувате кога станува збор за хуманитарните акции, кои сте ги реализирале во изминатите години?

Србиноски: Тоа го правиме сите 20 изминати години. Како репер ќе го земеме празникот Бадник, затоа што е една од попознатите наши акции. Самата традиција се прошири да им доделуваме хуманитарни пакети на граѓаните, додека на децата да им доделуваме Божикни пакетчиња. На првата ваква акција, собравме од 250 до 300 деца. Наредната година собравме околу 700 деца, и имавме и пропратни активности. Последнава година тоа го направивме во ИБ Фитнес центар и беше навистина многу масовно. Премногу голема организација, имавме добар систем, а за децата беше спектакл, Вашиот водител Жанко го водеше тоа, па имаше забава со магионичари, деца што пеат и танцуваат. За следнава година имам уште подобра идеја за оваа акција, но, здравје, има време за тоа. Нормално, за сите идеи, соработуваме со Супер радио.

tamarologo

Супер радио: Од Ваша гледна точка, но и пренесено од мислењето на сопственикот Роберто, потоа Татјана и Марија, која треба да биде границата, работата на еден поединец да постане секојдневие?

Србиноски: Прво треба да се има голема трпеливост. Треба да се сфати дека ќе има „слатки“ проблеми, големи проблеми, добри работи, кои не прашуваат за време. Нам ни се случиле и некои работи на полноќ поврзани со работата. Мора да се реагира. Ако се има добар систем и дома и на работа, тогаш мислам дека е човек најуспешен. Не треба да се дозволи, детето на пример, да порасне, а да не го видиш заради работата. Животот не е само работата, мора да се имаат и други работи каде мозокот ќе се одмори, да се посвети човек и на фамилијата. Одмор мора да има.

tamarotim2

Супер радио: Како од музиката решивте да се префрлите на оваа дејност која денес со задоволство ја работите?

Србиноски: Тоа е она, кога треба да се знае што во кое време да се искомбинира. Јас имав добри моменти со музиката. Се занимавав некаде од 15 години, до 22. Имав и бенд, па имавме успех и на домашниот избор на Евровизија, се пробивме во Бугарија, имавме успех и на MTV Adria, сѐ помина добро во тој период. Тоа ми беше големо искуство и дел од тоа искуство сега го применувам во бизнисот. Интересно е тие луѓе со кои соработував додека се занимавав со музика, сега пак сме поврзани на друг начин. На Били Ѕвер сум му кум. Потоа контактирам со Снупи МС, кој води сега бизнис, кој не е директно врзан со музиката, но пак, тука некаде во тој дел, работи во странство и е успешен. А, тоа со музиката беше во тој период додека имаше услови. Сега, послабо има македонска музика, нема големи продуцетски куќи кај нас. Јас на време почувствував дека треба да повлечам вистински потег. Но, јас не се откажав драстично од музиката, уште ја сакам и како што кажав сите луѓе, со кои сум работел во музичкиот бизнис, и денес соработуваме на други начини.